Луис Фелипе Сколари по 19 години пауза, се врати во Крузеиро и ќе се обиде да го спаси клубот од голема бламажа. Двократниот јужноамерикански шампион во ланската сезона за првпат во клупската историја испадна во Серија Б, а сега се бори за опстанок во втората лига на Бразил како претпоследна екипа на табелата.
Сколари кој има 71 година, ќе се обиде да го оживее некогашниот бразилски гигант и воедно во блиска иднина да го врати во елитата, сето тоа треба да го стори до истекувањето на договорот, кој му важи до крајот на 2022 година.
За поранешниот селектор на Бразил, кој ја донесе последната светска титула на Кариоките во 2002 година, ова е 27-ми ангажман во речиси четиридецениската тренерска кариера. Крузеиро го водеше на почетокот од новиот милениум без поголем успех, па сега му е шансата да го поправи впечатокот.
Интересно е што Сколари своето деби на клупата ќе го запише против Хувентуд, клубот во кој го мина поголемиот дел од играчката кариера и каде што беше тренер во два наврати, во сезоните 1982/83 и 1986/87.