Една од легендите на Манчестер јунајтед, Пол Сколс, верува дека има план како може да се подобри играта на Црвените ѓаволи. Според Сколс, на „Олд Трафорд“ би требало да дојде Месут Озил, играч кој сега е „заборавен“ во Арсенал. Манчестер има многу потешкотии во креативноста, а тоа се покажа и синоќа, на гостувањето во Белград. Англискиот гигант победи со 1:0 благодарение на голот од пенал на Марсијал, но Партизан имаше трипати повеќе удари кон голот (15:5), а домаќините беа доминантни и при ударите од корнер (9:2).
„Не ја разбирам ситуацијата на Озил во Арсенал. Мислам дека тој е играч кој добро знае да го поврзе тимот. Има многу квалитети, што се покажало во текот на целата негова кариера. Тој би можел да биде краткотрајно решение за големиот проблем кој го има Манчестер, а тоа е креативноста. Не верувам дека би можело да дојде на „Олд Трафорд“, но тој е играч кој е потребен во тимот на Солскјер“, смета Сколс.
Додека играше, Сколс беше еден од главните играчи во средниот ред, а сега нема никаква поврзаност меѓу играчите за врска и напаѓачите. Озил сезонава одигра само два меча за Арсенал, а веќе не игра ниту за германската репрезентација, што значи дека е надвор од натпреварувачки ритам, но и таков би бил корисен за Манчестер.