Македонската кошаркарска федерација во летото 2019 година ќе биде организатор на две младински европски првенства. По добивање на правото за организација на ЕП за кошаркарки до 18 години (Дивизија Б), централниот одбор на ФИБА на вонредна средба одлучи да ја прифати кандидатурата на МКФ за организација на уште едно првенство идната година, и тоа од Дивизија А, првенство на кое нема да учествува македонска репрезентација.
„Ова е уште едно признание за нас од страна на ФИБА, доказ дека во изминативе години бевме одлични организатори на ЕП од младински категории потврдено е и препознаено од ФИБА со тоа што за првпат се доделува организација на ЕП од Дивизија А, а да не сме учесници на тоа. Заедно со претседателот Петар Наумоски го искористивме патувањето на ждрепката во Белград, преку добрите конекции и односот со раководните луѓе на ФИБА-Европа, се договоривме за уште една соработка. Ова е добар тест доколку во иднина ни се отвори можност за организација на европски, па и на светски првенства од највисок ранг“, вели генералниот секретар на МКФ, Моника Гаврилоска.
Европското првенство за кадетки ќе се одигра во Скопје, во периодот од 22-ри до 30-ти август.