Екипата на Скопје успеа да остане непоразена во дуелот со лидерот Струга Трим Лум во меч од Прва фудбалска лига на Македонија. Бестарт Ибраими погоди за водство на гостите во 15 минута и тој резултат беше активен до пред крајот. Во 87 минута по еден добар шентаршут на Чурлинов, нововлезениот Мусинга со глава погоди во мрежата на Струга и донесе радост за тимот кој се бори за опстанокт.
Пред крајот на средбата се случи и една мешаница покрај аут линијата по што мораше да реагира и дел од полицијата, но за среќа немаше посериозен инцидент и средбата мирно го дочека крајот. Интересно е дека Скопје во претходното коло со 1:0 го победи Шкупи на гости, а сега и против Струга остана непоразен и освои бажен бод во трката за опстанок.
Киксот на Струга ТЛ го искористи Шкупи кој немаше милост на гостувањето кај Победа Прилеп и на крајот славеше со убедливи 6:0. Сандеј Адетунџи погоди за 1:0 во 35 минута што беше резултат по првиот дел, а во вторите 45 минути гостите од Чаир имаа гол-шоу. Во периодот од 50 до 79 минута, гостите постигнаа дури пет гола и на крајот се радуваа на еден од најубедливите победи во првенството.
Без голови завршија дуелите меѓу Академија Пандев и Работнички, односно Тиквеш и Силекс. Пред своите навивачи се израдува само Брегалница која со 2:0 беше подобра од Македонија Ѓорче Петров.
Табела: Струга ТЛ 50 бодови, Шкупи 45, Шкендија 44, Силекс 39, Брегалница 36, Македонија ЃП 32, Тиквеш 30, Работнички 25, Академија Пандев 21, Скопје 18, Победа 13.