Скопје и СЦ „Јане Сандански“ од денес, па сè до недела ќе бидат домаќини на Европскиот јуниорски џудо куп – Скопје 2024, кој ќе биде организиран од Џудо федерацијата на Македонија, а поддржан од Европската џудо унија и Светската џудо федерација.
Во Скопје ќе настапат вкупно 229 џудисти од 26 земји од цела Европа, но и од САД, Канада и Саудиска Арабија. Најбројна ќе биде делегацијата на Грција, која ќе брои 27 џудисти и џудистки, додека Македонија ќе биде претставувана од 17-мина учесници.
Европскиот џудо куп и минатата година се одржуваше во нашиот главен град, па одличниот настан беше препорака Скопје да ја добие организацијата и на Европското кадетско првенство во 2025 година.