Скопска епизода број 68 на старото добро дерби меѓу Вардар и Работнички

Вардар и Работнички денеска од 17 часот по 68. пат ќе го играат старото добро скопско дерби, како премиера на третото коло во домашното првенство.

По подолг период најтрофејниот клуб се враќа на националната арена „Тодор Проески“ и ќе се обиде да го постигне првиот гол и да ја забележи првата победа во новото првенство, или вкупно 30-та во дуелите со Работнички.

“Имаме силни мотиви и желба да дојдеме до победа во градското дерби. Се надевам дека ќе успееме да ставиме крај на голгетерскиoт пост и со помош на нашите навивачи да дојдеме до првата победа во сезоната која ќе ни даде самодоверба понатаму. Ги цениме сите противници, меѓутоа ние секогаш против било кого одиме на победа, така ќе биде и против Работнички. Ќе го дадеме максимумот за да дојдеме до трите бода“, вели капитенот Филип Гачевски.

Вардар е на делба на претпоследната позиција со пораз од Македонија Ѓ.П. од 0:2 и реми со Борец без голови, па главна задача е да се поправи реализацијата и да се забележи првата победа сезонава.

Работнички нема проблем со ефикасноста, постигна гол(ови) и против Струга и со Шкупи, а дури четирипати ја тресеше и мрежата на Влазрими во меч од купот. Романтичарите ќе се обидат да се приближат до ривалот по бројот на победи во меѓусебните дуели и имаат шанса по 24. пат да го надиграат Вардар.

„Ми се чини дека нема што многу да криеме меѓусебно, добро се познаваме. Верувам дека нашите фудбалери ќе го исполнат зацртаното и на крај ќе се радуваме на победа. Мора да се истакне дека Вардар сега силно ќе атакува на триумфот затоа што е под еден вид притисок по двата почетни натпревари без постигнат гол. Но, и со предност ако се знае дека изминатава недела немаше натпревар во Купот“ – вели Александар Влахо, тренерот на Работнички пред денешното дерби од третото коло во ПМФЛ.

 

- Оглас -

Најнови вести