На прес-конференција беше најавено 21-вото издание на Виз Ер Скопски маратон, кое ќе се одржи в недела, на 5 октомври.
Оваа година Скопје ќе биде домаќин на рекорден број пријавени учесници – повеќе од 14.000 натпреварувачи од 58 земји ширум светот – што претставува историски рекорд за најголемиот спортски настан во државата.
Најмасовна останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници, при што третпат по ред доминираат жени – нешто што претходно не било случај. Во маратонската и полумаратонската трка, пак, поголем дел од учесниците се мажи.
Поради зголемениот број учесници, годинава стартот на трката на 5 километри (почеток 8 часот) ќе биде поместен на семафорите кај Црвениот крст, на булевар „11 Октомври” во правец на Кисела Вода. Патеката останува иста, но со оваа измена ќе се избегне моментот на тесно грло и разминување на натпреварувачите и ќе се овозможи маратонците, полумаратонците и учесниците во штафетната трка, во 8.05 часот комотно да ја стартуваат својата трка.
Во рамките на ова издание ќе се одржи и Балканско и Национално првенство во маратон, што дополнително ги зголемува важноста и престижот на настанот. Долж целата патека ќе има 26 музички точки, кои ќе создадат уникатна атмосфера за тркачите и навивачите, а на секои 850 метри ќе бидат поставени освежителни станици со вода, електролити, овошје, маслинки, шеќер и други потребни продукти за тркачите.
Директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски, изјави дека манифестацијата прераснува во еден од најголемите спортски настани во регионот, а потврди дека во маратонската трка ќе учествува и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе биде еден од фаворитите заедно со Кенијците и атлетичарите од Балканот.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека Владата и институциите секогаш ќе застанат зад вакви манифестации кои ја промовираат Македонија во најдобро светло.
„Драго ми е што оваа традиционална манифестација се сфати од државата многу посериозно, не само преку финансиската поддршка и покровителството, туку и со целата потребна огранизациска поддршка. Виз Ер Скопски маратон е пример како спортот може да обедини и да испрати позитивна порака за нашата земја. Овој настан е гордост за сите граѓани и е симбол на здрав дух, енергија и спортски вредности, а Владата и Министерството за спорт ќе продолжат да даваат силна поддршка на вакви манифестации бидејќи тие ја промовираат Македонија во најдобро светло, го поттикнуваат туризмот, ја зголемуваат меѓународната видливост на државата“, рече Ристовски.
Во рамките на Виз Ер Маратон Експо 2025, стартните пакети за учесниците ќе се издаваат на 2, 3 и 4 октомври (четврток, петок и сабота) во шопинг центарот Diamond Mall, во период од 10 до 20 часот. Стартниот пакет може да се подигне лично или друго лице да го стори тоа во име на учесникот. При подигањето задолжително е да се приложи QR кодот кој ќе биде испратен на е-маил или копија од важечки документ за лична идентификација (лична карта или пасош за странските учесници). Организаторите потсетуваат дека на денот на трката нема да има можност за подигање на стартни пакети.
Јубилејниот 21-ви Виз Ер Скопски маратон ветува уште едно незаборавно издание кое ќе ја претвори метрополата во вистински спортски центар, обединувајќи ги натпреварувачите, навивачите и граѓаните во единствена маратонска магија низ улиците на Скопје.