Скопскиот серијал продолжува – Градско дерби број 69 меѓу Работнички и Вардар


Работнички ќе му биде домаќин на Вардар, денеска од 13.30 часот во старото добро скопско дерби како премиера на 12. коло.

Нашето фудбалско Класико ќе се игра по 69. пат на стадионот што како домаќини го користат и двете екипи, па денеска од 13.30 часот вреди да се биде присутен на арената „Тодор Проески“.

Ќе играат двете најтрофејни домашни екипи, а фаворит е Вардар. Клубот со 10 македонски титули и вкупно 11, сметајќи ја и едната од поранешна Југославија бие битка за врвот на табелата, што сега го дели со Академија Пандев со 24 бода.

Работнички со 4 домашни титули е веднаш зад Вардар на вечната листа, но на табелата е далеку зад „црвено-црните“ и е неочекувано последен на табелата со само 10 бода.

Се менуваат тренерите во Дебар Маало како на филмска лента, но напредок нема, па „романтичарите“ и немаат многу избор и ќе мораат во офанзива од самиот почеток.

Вардар е најпријатното изнанадување во досегашниот дел од шампионат, предводен од одличниот стратег Александар Васоски. Беспарицата и забраната за трансфери создаде сосема неочекуван ефект кај младиот тим на Вардар, па борбеноста, битката до последен здив, одличната атмосфера, но и квалитетот го донесоа клубот во самиот врв.

Вардар е посупешен во меѓусебните дуели и има 30 победи, наспроти 24 на Работнички, а нерешено завршија 14 натпревари.

- Оглас -

Најнови вести