Скромен дуел без голови одиграа Партизан и Црвена ѕвезда во второто коло од плејофот на српското првенство. Дуелот на стадионот на Партизан имаа можност да го гледаат само претставниците на раководствата и медиумите, а и присутните не можеа да видат некој кој знае каков фудбал.
Статистички Црвена ѕвезда беше подобар противник и со поголем посед на топката, но во сите останати сегменти екипите беа изедначени. Партизан имаше повеќе удари кон голот, додека Црвено-белите изведоа повеќе корнери. На натпреварот беа покажани вкупно шест жолти картони.
Црвена ѕвезда веќе ја прослави шампионската титула во првенството на Србија, додека Партизан сè повеќе заостанува во борбата за втората позиција и на крајот веројатно ќе мора да се задоволи со учество во квалификациите за Конференциската лига. Црно-белите во моментов се на четвртата позиција со 58 бода, колку што има и Војводина на петтата.