Статистичарите кои го следат тенисот, бараа дали е првпат Новак Ѓоковиќ да загуби меч на кој имал три меч-топки, дали другпат загубил од еден ист тенисер двапати во ист ден, итн.
Одговорите се познати. До вчера, никој никогаш го немаше победено Новак двапати во ист ден, а тоа му успеа на Јаник Синер. Италијанецот го победи Србинот и во сингл и во дубл, а особено импресивна беше победата во сингл, кога во третиот сет се спаси од негатива 4-5 во гејмови и 0-40 во поени. Ваков пресврт против Ѓоковиќ не се гледа секој ден и затоа делуваше шокирачки.
Инаку, Синер е првиот тенисер по Александер Зверев од 2021 кој во една година двапати го победил Ѓоковиќ. Синер е првиот што го победил Новак во ист ден, а пред него, само уште на Жо Вилфрид Цонга во Бангкок во 2008 му има успеано да го совлада Ѓоковиќ двапати на еден ист настан.
Ѓоковиќ беше многу разочаран што не успеа да го освои трофејот, иако беше на само еден поен од тоа. После поразот во двојки, рече дека не знае дали и следната година ќе игра за Србија во Дејвис купот.
Италија денеска е фаворит во финалето на Дејвис купот против Австралија, и има прилика да ја освои втората титула, по онаа во далечната 1976 година. Австралија има дури 28 титули, но последната ја освоија пред 20 години.