Откако на Европските првенства во ракомет за мажи во втората фаза се оди само како прв или втор во групата, а третиот и четвртиот испаѓаат, Македонија ниту еднаш се нема вмешано во борбата за највисок пласман.
Годинешното ЕП во Германија е трето по ред на кое Македонија своите настапи ги завршува само по три одиграни натпревари. Црната низа почна во 2020, продолжи во 2022, а негативниот хет-трик е комплетиран во 2024. Ако се сметаат и светските првенства, четврти пат на последните пет големи натпреварувања не ја минуваме групата.
Немањето среќа во ждрепките е една од причините за неуспехот. Победата синоќа над Швајцарија беше одлична, ги израдува сите искрени љубители на ракометот, бевме аутсајдери и на тој меч. Но, толку се можностите.
Имавме седум порази по ред на мечеви од ЕП, цели 1.467 дена чекавме радост, се надеваме дека до следната нема пак да чекаме ни приближно толку многу.
Наредното ЕП е во 2026 година во Скандинавија, домаќини се Данска, Шведска и Норвешка.