Француската ракометна репрезентација го освои златниот медал во Токио така што ѝ се реваншираше на Данска за поразот од Рио пред пет години. Триколорите во финалето славеа со 25:23 и по третпат на последните четири Олимпијади се закитија со најважното одличје.
Егал се држеше во воведните минути при резултат 4-4, по што Франција ја презеде контролата и го доби првото полувреме со 14-10. Предноста порасна на шест гола на стартот на вториот дел, по што Данците се разбудија и во последните 10 минути влегоа со само гол недостаток, што сепак не беше доволно, па актуелниот светски шампион мораше да се задоволи со сребрен медал.
Ремили со пет погодоци предводеше во победата на Франција, Хансен заби девет гола за Данска.