Следен предизвик за кошаркарската репрезентација се претквалификациите за СП 2027

Откако не успеа да се пласира на Евробаскетот 2025, машката кошаркарска репрезентација сега ќе паузира до 2 август, а тогаш почнува со претквалификациите за Светското првенство кое во 2027 година ќе се одржи во Катар.

Македонија досега никогаш не била учесник на СП во кошарка, а патот до Катар ќе ни биде долг и трнлив. Прво ќе мора да ги минеме претквалификациите, каде што ќе има и силни и незгодни тимови од типот на Хрватска, Бугарија, Украина, Унгарија, Холандија, Данска и Словачка, па ќе ни треба и среќа во ждрепката на 14 март.

Веројатно ќе бидеме втори носители и ќе играме во група со три тима, од кои првите два одат во квалификациите за СП. Потенцијални ривали ќе ни бидат и Австрија, Норвешка, Романија или Швајцарија, кои се со послаб рејтинг.

Друго отворено прашање е кој ќе ја води репрезентацијата. Александар Јончевски има договор со полскиот Шљонск, а во август ќе има обврски и кон клубот, па можеби нема да биде во можност да биде на клупата на националниот тим. Доколку во меѓувреме дојде и до промена на раководството на КФМ, исто така постои реална опција за ангажирање друг стручњак за селектор.

Не е важно само кој ќе биде селектор, туку и кој од натурализираните ќе биде во можност да игра и дали ќе бидеме комплетни и со играчи во форма, со оглед на тоа дека клупската сезона нема да биде во тек, па ќе треба во јули да се направат и физички подготовки за што подобро претставување во августовските претквалификации.

- Оглас -

Најнови вести