Вечерва во Билбао ќе се игра англиското финале меѓу Манчестер Јунајтед и Тотенхем во Лига на Европа. Освен трофејот, победникот ќе обезбеди место и во Лига на шампиони за следната сезона.
Два тима кои се во финалето се во речиси целосен хаос. Никогаш досега два тима рангирани толку ниско не играле во финале на Европскиот куп. Јунајтед моментално е на 16-тото место во Премиер лигата, а Тотенхем на 17-тото место. Финалистите имаат вкупно 39 првенствени порази.
Бројот на поени кои ги освоија финалистите во домашното првенство се поени со кои во некои претходни сезони можеше и да се испадне од Премиер лигата. За Тотенхем, освојувањето на трофејот би значело крај на сушата што трае од 2008 година, додека европската титула би била нивна прва од 1984 година.
За Јунајтед, кој веќе освои домашни купови во претходните две сезони, Лигата на шампионите е примарна цел – и спортски и финансиски.
„Мораме да играме во Лигата на шампионите – тоа е услов за напредок“, рече тренерот на Јунајтед, Рубен Аморим, кој веќе планира реконструкција на тимот на лето.
Тотенхем, кој заврши на петтото место минатата сезона под водство на Постекоглу, едвај избегна испаѓање оваа година.
„Постои можност да ја исполнам главната задача што ми беше дадена, а тоа е да донесам трофеи во клубот. Се обидов колку што можев да се држам до тој процес за да го доведам клубот до позиција каде што може да се натпреварува за трофеи, а во исто време да го подмладам тимот и да го променам стилот на игра. Имаше многу предизвици по патот“, рече Постекоглу.
Според извештаите, Австралијанецот би можело да го напушти клубот без оглед на исходот од финалето. Огромните инвестиции, вклучувајќи го и рекордниот износ од 65 милиони фунти за Доминик Соланке, не донесоа резултати. Повредите имаа влијание, но изговорите не помагаат – 21 пораз во лигата кажува сè.
„Им кажав на момците од првиот ден дека ништо не е загарантирано во животот, ниту во спортот, затоа мора да се осигурите дека ќе ја искористите секоја можност што ќе ви се укаже. Сум бил во вакви ситуации, па затоа не ми е ништо ново и добро се справив со нив. За мене, ништо не е поважно од мојата одговорност кон клубот и навивачите“, додаде менаџерот на Тотенхем.