Следува пеколна недела за гигантите, кои може да останат најголеми губитници

Вардар вчера со пораз се прости од Првата лига и од денеска и официјално е второлигаш. Најтрофејниот македонски фудбалски колектив во следната сезона ќе треба да докаже дека има сили за експресно враќање во елитата. Испаѓањето од прволигашкото друштво не треба да е демотивација, туку напротив, мотив за што е можно побрзо враќање на стариот колосек на најтрофејниот. Во Втората лига, па и во уште послаби натпреварувања не толку одамна играа и гиганти како Јувентус, Глазгов ренџерс, Ривер плејт, па потоа се враќаа и повторно се радуваа на многу титули.

Што се однесува до европската сцена, следува последната недела од најсилните лиги на Стариот Континент. Баерн Минхен, Интер и Манчестер сити веќе се израдуваа на шампионските пехари, но во Шпанија и Франција ќе биде драма во последното коло.

РЕАЛ И ПСЖ СЕ НАДЕВААТ НА КИКС НА РИВАЛИТЕ, ИНАКУ ЌЕ ИМААТ ОЧАЈНА СЕЗОНА

Титулата во Шпанија сигурно ќе остане во Мадрид, но прашање е дали Реал ќе го задржи тронот или трофејот ќе замине во витрините на Атлетико. Јорганџиите се во пол-позиција и сами си решаваат. Во последното коло Атлетико гостува кај Валјадолид, тим кој со победа уште има шанси за опстанок. Доколку Атлетико победи, титулата е за Диего Симеоне и неговите играчи.

Реал Мадрид дома треба лесно да слави над Вилјареал, кој нема никакви мотиви за игра, но Кралевите мора да чекаат Атлетико да не победи, па да може да се надеваат на одбрана на тронот. Доколку Реал не успее да ја одбрани титулата, Кралевите ќе имаат очајна сезона затоа што беа елиминирани и во Купот на Шпанија, а испаднаа и во Лигата на шампионите.

Во Франција, ПСЖ и покрај вложените милијарди, сезонава може да им биде дебакл. Светците повторно не успеаја во Лигата на шампионите, а во првенството во последното коло влегуваат како втори на табелата. Лил е лидер и доколку победи во последното коло на гости кај Анже, ќе ја прекине доминацијата на ПСЖ и ќе потврди дека не се доволни само милијардите евра за да се освојуваат титули.

ЛИГАТА НА ШАМПИОНИ БЕЗ ЈУВЕНТУС И ЛИВЕРПУЛ?

Додека Реал и ПСЖ имаат мака за одбрана на домашниот трон, во сериозна ситуација се и ланските шампиони во Италија и Англија. Јувентус и Ливерпул се во ситуација да не обезбедат место во Лигата на шампионите за следната сезона.

Старата дама, која девет години доминираше во Серија А, сега е на петтото место, а до крајот има само едно коло. Јувентус има 75 бода, еден помалку од Наполи и Милан, кои се на позициите за ЛШ. Наполи во последното коло дома игра со Верона, додека Милан ќе има потешка задача затоа што гостува кај Аталанта во Бергамо. Доколку Наполи или Милан не победат, Јувентус треба да искористи затоа што се очекува да освои три бода на гостувањето кај немотивираната Болоња.

И Ливерпул е на петтото место во Премиер лигата, со еден бод помалку од Челзи, а три од Лестер. Сепак, фактот дека Челзи и Лестер играат во следното коло, му дава шанса на Ливерпул со две победи до крајот да биде во Топ 4 и да остане во ЛШ и следната сезона.

Доколку не успеат да се пласираат во ЛШ, сезоната ќе биде како дебакл за Ливерпул, кој остана без ниту еден трофеј сезонава, додека Јувентус има шанси за трофејот во Купот, каде што в среда ќе игра во финалето против Аталанта.

Следните седум дена ќе бидат пеколни и финални во европските првенства, но и по завршување на клупските возбудувања нема да има „мирно“ лето затоа што за 20-тина дена го очекуваме стартот на Европското првенство, каде што за првпат ќе учестува и Македонија.

 

- Оглас -

Најнови вести