Ливерпул е нов лидер во англиската Премиер лига откако со 2:1 на „Енфилд роуд“ победи против Брајтон, во меч од 10 коло. Во полза на Ливерпул беа и резултатите на нивните најголеми ривали, Манчестер сити и Арсенал, кои загубија.
Тренерот на Ливерпул, Арне Слот признава дека брајтон бил подобар ривал во првото полувреме, но е пресреќен затоа што неговите фудбалери успеале да направат пресврт.
„Бевме надиграни во првото полувреме и ни требаше поинаков настап по паузата. Беа подобри со топката, поагресивни без неа. Потоа се се промени во вториот дел. Главната разлика беше што бевме подобро позиционирани и имавме многу поголем посед на топката“, коментираше Слот по победата над Брајтон.
Холандскиот стратег посебно го пофали погодокот на Мо Салах кој се покажа како победнички. Слот вели дека ваквите триумфи ја зацврстуваат самодовербата во екипата.
„Може да се каже дека имавме малку среќа со првиот гол, но вториот, на Мо Салах, беше посебен. Не е прв и нема да биде последен пат да постигнува гол од оваа позиција. Оваа победа е посебна, но не поради резултатите на другите, туку затоа што игравме против Арсенал минатата недела, а тие се многу силен тим со квалитет и добра идеја за фудбалот. Денеска се соочивме со сличен тим и на двете средби успеавме да дојдеме до резултат, иако заостанавме. Брајтон е многу силен тим и тоа го покажаа оваа сезона. Ако наидете на таков тим и губите со 0-1 и потоа успеете да направите кам-бек дава поголема самодоверба“, вели тренерот на Ливерпул.