Во англиската Премиер лига се одиграа 17 кола, а по малку неочекувано, екипата на Ливерпул не е во Топ 4 на табелата. Актуелниот англиски првак има 29 бода и е на петтото место на табелата, зад лидерот Арсенал, потоа Манчестер сити, Астон вила и Челзи.
Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, детектираше каде е еден од клучните проблеми за лошите резултати на неговиот тим во тековната сезона. Слот вели дека неговиот тим не може да се најде меѓу најдобрите четири во Премиер лигата доколку не ја подобри својата игра од прекини.
Ливерпул сезонава постигна само три гола од прекини, а прими дури 11 гола.
„Знаеме колку е важна оваа компонента и знаеме како влијае на нашата табела во моментов. Разочарувачки е бидејќи во ова време минатата година немавме примено ниту еден гол од прекини. Сезонава досега примивме 11 гола од прекини и со ваков биланс едноставно невозможно е да се пробиеме меѓу првите четири на табелата, а камоли да се бориме за титулата“, вели Слот.
Тренерот на Ливерпул анализираше и за тоа каков е билансот на останатите екипи кога се работи за погодоци дадени по прекини.
„Ние сме единствениот тим во горната половина со негативен биланс на статички ситуации (всушност, Манчестер сити има биланс од -1 – б.п.), а Арсенал и Манчестер јунајтед се далеку пред нас со десет постигнати гола. Единственото нешто што нè држи со толку многу бодови се создадените ситуации, каде што сме најдобри“, анализира холандскиот стратег.
Подеднакво голем проблем за Ливерпул оваа сезона беа повредите. Александар Исак беше опериран и нема да игра неколку месеци, но Коди Гакпо и Конор Бредли ќе се вратат многу наскоро.
Следниот меч Ливерпул ќе го игра на „Енфилд роуд“ в сабота против Вулверхемптон.

