Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, не го криеше незадоволството по поразот од 1-2 на гостувањето кај Вулверхемптон во 29-тото коло од Премиер лигата, истакнувајќи дека неговиот тим не одговорил на предизвикот на вистински начин.
„Ова е резултат што боли. Во првото полувреме не бевме на потребното ниво – недостасуваше интензитет, недостасуваше идеја. По паузата покажавме повеќе енергија и иницијатива, почнавме да го притискаме противникот и се доближувавме до нивниот гол, но токму тогаш дозволивме погодок од нивниот прв сериозен продор во нашиот шеснаесетник“, анализираше Слот.
Холандскиот стратег потенцираше дека реакцијата на неговите избраници била моментална, но недоволна за позитивен исход.
„Одговоривме брзо, создадовме две ситуации во кои можевме да го свртиме резултатот во наша корист, но фудбалот понекогаш знае да биде суров. Примивме гол по рикошет, во акција што реално и не носеше класична шанса. Такви моменти често ја одлучуваат судбината на натпреварите“, нагласи тој.
Слот посочи дека најголемиот проблем останува реализацијата.
„Разочарувањето е уште поголемо ако се земе предвид трудот што го вложуваме за да дојдеме до погодок. И пред мечот напоменав дека голем дел од нашите голови доаѓаат од прекини. Креираме можности, но премногу тешко ги материјализираме. На ова ниво тоа се казнува“, заклучи тренерот на Црвените.

