Ливерпул имаше серија од 13 натпревари без пораз во пресрет на мечот против Борнмут, но шест средби од тие 13 завршија нерешено. Сепак, „црвените“ загубија на гостувањето кај незгодниот ривал и тоа на најболниот начин – со гол буквално во последната секунда од мечот.
„Разочарувачки е да примиш гол кога веќе нема време да се вратиш во натпреварот. Искрено, тие можеа да го постигнат третиот погодок и малку порано. Откако израмнивме на 2-2 продолживме да се обидуваме, но јасно се гледаше дека на неколкумина од нашите фудбалери едноставно им снема сила. Не можам да ги критикувам за тоа. Ние сме единствениот тим од Лигата на шампионите кој има само два дена одмор меѓу две гостувања — прво во Европа, а сега против еден од најинтензивните тимови во првенството. Играм претежно со истите фудбалери поради изборот што го имаме во моментов. Во последните десет минути се виде дека ни беше тешко, иако во остатокот од натпреварот доминиравме.“ – рече Арне Слот по поразот од Борнмут.

