-1.2 C
Skopje
недела, 14 декември 2025

Слот за Салах: Ни беше потребен во тимот и затоа играше против Брајтон

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, изјави дека била лесна одлука да го вклучи Мохамед Салах во составот за натпреварот против Брајтон и дека нема проблем кој треба да се решава.

Египќанецот го одигра својот прв натпревар за Ливерпул откако тврдеше дека бил „фрлен под автобусот“ од клубот по ремито 3-3 со Лидс минатиот викенд. Потоа, Салах беше изоставен за дуелот во Лига на шампиони, но потоа тренерот и голгетерот имаа разговор, по кој се смирија страстите од двете страни.

„Она што беше кажано меѓу нас двајцата, го кажав многу пати, за мене останува меѓу нас. Тој беше во тимот и ни требаше“, изјави Слот за Скај Спортс.

На мечот против Брајтон, Салах беше резерва, но во игра влезе уште во 26 минута, на местото на повредениот Џо Гомес. Салах беше поздравен со аплаузи од навивалите на „Енфилд роуд“, а потоа одигра добар меч и асистираше за вториот гол на неговиот тим.

„Тој беше опасен, првата топка што ја допре речиси заврши како асистенција. Постојано беше вклучен, тоа беше задоволство, но ништо неочекувано бидејќи го покажа тоа многу пати претходно“, додава Слот.

За Салах ова беше последен меч за Ливерпул во 2025 година бидејќи веќе в понеделник ќе отпатува на Африканскиот куп на нации.

„Сега тој оди во Египет за Африканскиот куп, тоа значи дека ни недостасува уште еден играч, а веќе немавме многу на располагање. Но, знаевме пред сезоната дека тој ќе си оди и можеби еден или двајца играчи ќе се вратат од повреда“, заклучи Слот.

- Оглас -

Најнови вести