Мохамед Салах минатата недела откри дека ќе се раздели со Ливерпул по завршувањето на актуелната сезона. Веста предизвика силен одек во јавноста, а за првпат на оваа тема проговори и тренерот на Црвените, Арне Слот.
Иако холандскиот стратег во неколку наврати бил критикуван од египетската ѕвезда за одредени одлуки, особено оваа сезона, тоа не го спречи да ги истакне квалитетите што го прават Салах исклучителен фудбалер.
„Знаев, така што тоа не беше новост за мене, но беше навистина убаво да ги видам реакциите – и од неговите соиграчи и од целиот свет – за сè што направил за клубот и за фудбалот воопшто“, изјави Слот за клупската телевизија.
„Со години го гледав како навивач. Гледав како игра за Ливерпул и прави неверојатни работи – натпреварите против Манчестер сити, но и сите останати. Го гледав како руши рекорд по рекорд. Кога почнав да работам со него, уште од првиот ден бев импресиониран од неговиот професионализам. На почетокот на секоја сезона има тестови што покажуваат колку играчите работеле во паузата, а тој секогаш беше најподготвен. За еден менаџер тоа е идеална ситуација – најголемата ѕвезда да се врати во врвна форма“, додаде тој.
Слот посочи дека Салах постојано има потреба да се докажува.
„Тој нема што да им докажува на другите, но на себе – секогаш. Мо мисли дека треба да се докажува на секои три дена. Тој глад никогаш не исчезнува, и тоа е најспецијалното кај него. Гладот, професионализмот, посветеноста, желбата да постигнува голови и секогаш да игра – тоа ме воодушевува. Дури и кога ќе го извадиш неколку минути пред крајот, изразот на неговото лице кажува: ‘Можеби ќе дадев уште еден гол!’“, објасни тренерот.
„Се надевам дека во следните недели и месеци ќе го направи своето наследство уште посебно. Но, во секој случај, тој ќе си замине од овој клуб како легенда“.
„Мо дефинитивно заслужува навивачите да му приредат големо збогување. Ако сакаат тоа да го прават натпревар по натпревар – јас сум целосно за затоа што тоа обично им помага на играчите. Мо ќе ја добие таа поддршка 100%“, заклучи Слот.

