Ливерпул сезонава сигурно нема да ја одбрани титулата во Премиер лигата затоа што по 26 одиграни кола заостанува дури 15 бода зад лидерот Арсенал. Црвените од „Енфилд роуд“ се на шестото место и според моменталниот распоред на табелата, во опасност се да не играат ниту вo Лигата на шампиони за следната сезона.
Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, вели дека фудбалерите имаат мотиви за играње до крајот на сезоната и шанса за освојување на трофеј.
„Имаме три јасни приоритети до крајот на сезоната, а тоа е да го освоиме трофејот во ФА купот, во домашното првенство да се избориме за место кое води во Лигата на шампионите, но и да ја освоиме Лигата на шампионите. Имаме проблем бидејќи сме лимитирани со составот и не може да си дозволиме да имаме нови повредени играчи. Распоредот од нас бараше да играме три меча во седум дена“, рече Слот.
Ливерпул во неделата, на 8 февруари играше против Манчестер сити (пораз од 1:2), потоа на 11 февруари победи на гости кај Сандерленд, а утре на „Енфилд роуд“ ќе игра против Брајтон во рамките од четвртото коло на ФА купот.
Во лигашкиот дел од елитното натпреварување на УЕФА, Ливерпул беше сигурен и со шест победи и само два пораза го освои третото место од 36 екипи, што му донесе директен пласман во осминафиналето на ЛШ.

