Словакот Глова ќе го суди мечот Казахстан – Македонија

По вчерашното реми со Белгија во Скопје, македонската фудбалска репрезентација веќе ги насочува мислите кон следниот предизвик, дуелот од четвртото коло во групата J против Казахстан во Астана. Натпреварот се игра во понеделник, со почеток во 16 часот по македонско време.

Се очекува нова добра партија од избраниците на селекторот и, секако, освојување на три многу важни бода на гостински терен.

УЕФА го назначи словачкиот арбитар Филип Глова како главен судија на оваа средба. Иако има само 37 години, Глова важи за еден од најдобрите судии во Словачка. Македонската јавност добро го памети, тој беше главен судија и на натпреварот против Англија во Скопје во ноември 2023 година, кој заврши 1-1.

Негови помошници ќе бидат сонародниците Даниел Полачек и Петер Беднар, додека четврти судија ќе биде Петер Кралович. За видео технологијата (ВАР) ќе се грижат Мартин Дохал и Борис Мархефка – исто така од Словачка.

- Оглас -

Најнови вести