Пред неколку дена, Кристијано Роналдо за првпат беше во Словенија, каде што со репрезентацијата на Португалија играше пријателски меч. На крајот, Португалија загуби со 2:0, а Роналдо лут си замина од теренот.
Присуството на Роналдо во Словенија предизвика вистинска еуфорија кај навивачите во тие два-три дена, а кулминацијата се случи на самиот натпревар. Еден навивач успеа да втрча на теренот, да го прегрне Роналдо, да направи селфи, дури и да го бакне.
За Радио Крањ, навивачот Јанез Козељ откри зошто решил да втрча на теренот и да направи историски спомен со Роналдо. Навивачот открил дека тој момент го чекал 20 години и сега конечно го дочекал еден од најдобрите на сите времиња да се појави во Словенија, па морал да ја искористи можноста.
„Душата немаше да ми биде мирна ако не втрчав на теренот. Знам дека тоа што го направив може да биде погрешно. Го замолив за една фотографија и му реков дека е најдобар“, открива навивачот „натрапник“.
Откако направи фотографија, Роналдо доби и бакнеж во образ од навивачот, кој подоцна беше избркан од теренот. Гледачите на стадионот „Стожице“ со аплауз го испратија навивачот кој имаше храброст да втрча на теренот за да направи фотографија со Роналдо.
Според најавите, за овој прекршок, односно втрчување на теренот, навивачот ќе треба да плати 1.000 евра.