Словенецот Скубе уште три години останува во Вардар

Организаторот на играта, словенечкиот интернационалец Сташ Скубе, ќе остане во ракометниот клуб Вардар до летото 2022 година. Тој го продолжи договорот со двојниот европски првак и останува еден од носителите на играта кај „црвено-црните”.

Скубе дојде на почетокот на сезоната и веднаш се наметна како една од важните алки во играта на Вардар. Стана миленик на публиката, а неговите игри беа од огромна важност за конечниот исход. Тој и како играч и како личност покажа голема професионалност.

Сезонава во ЛШ, Скубе постигна 59 гола, а 44 во СЕХА лигата. Во финалето на СЕХА лигата против ППД Загреб имаше реализација 5/5, а во финалето од ЕХФ Лигата на шампионите реализација 3/5. Со Вардар освои четири трофеи, почнувајќи од домашниот Суперкуп, па СЕХА лигата, првенството на Македонија и ЕХФ Лигата на шампионите.

„Задоволни сме што Сташ останува со нас и во следните сезони. Со продолжувањето на соработката сигурни сме дека ќе бидеме уште подобри, а тој ќе продолжи да биде еден од лидерите во тимот. Вардар го задржува костурот на тимот и сериозно се подготвува за предизвиците во сезоната 2019/2020“, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

- Оглас -

Најнови вести