Фудбалските репрезентативци на Словенија очекуваат тежок меч против разиграната Македонија, а и буквално ги молат навивачите да дојдат на стадионот „Стожице“ и да им помогнат да го прекинат постот од 7 меча без победа.
„Единствено заедно со навивачите и нивната поддршка можеме да успееме да ја победиме Македонија. Ќе дадеме се од себе да се квалификуваме на Европското првенство“, изјави Јосип Иличиќ.
Фудбалерот од средниот ред на Аталанта ќе мора да се сопре, бидејќи тој е главниот креатор на играта на Словенците, а наш дополнителен адут ќе биде императивот на домаќинот.
Словенија има серијал од лоши резултати и е без победа на 7 меча по ред. Во меѓувреме испаднаа од Ц сегментот во Лигата на Нации, имаат скромни настапи во последно време, иако ги охрабрува претставата што ја прикажаа во Хаифа, во ремито 1:1 со Израел.
„Итно ни треба голема поддршка од трибините за да ја надминеме резултатската криза. Можеме да ја победиме Македонија со ваша помош“ е апелот на Андраж Шпорар, стрелецот на голот против Израел.
Идентична е желбата на сите репрезентативци на Словенија. Со полни трибини до победа против Македонија, но малку е веројатно дека капацитетот од 16 илјади места на „Стожице“ во недела ќе биде пополнет.
Најмногу публика на последните дуели имаа против Норвешка, околу 10 илјади, а поразите од Белорусија од 0:2 на пријателски меч и од Бугарија со 1:2 во Лигата на Нации ги гледаа околу 5 илјади луѓе, колку што имаше и на дуелот со Кипар, кој заврши нерешено 1:1.