Матјаж Кек веројатно повторно ќе го нема во составот Роман Безјак, кој е повреден и тренира под посебен третман и неговиот настап против Македонија на 10 октомври е неизвесен.
Стрелецот на еден гол во победата на Словенците против Израел не играше против нас и на првиот квалификациски меч што го игравме на 24 март годинава на „Стожице“ во Љубљана.
Тогаш воопшто и не беше повикан, но со добрите игри во АПОЕЛ и со искуството, Безјак заслужи камбек и играше добро во серијата од 3 победи по ред на Словенците.
Во составот за мечот во Скопје на националната арена „Тодор Проески“ се враќа играчот на Лугано Домен Чрногој. Младиот играч за врска влезе во игра како резерва на првиот дуел со Македонија што заврши нерешено 1:1 и ќе биде на располагање за настап и во овој дуел, што е многу важен за двете репрезентации.
Словенија со три победи по ред се проби на втората позиција во нашата група за пат на ЕП 2020 и има 11 бодови од шест меча, три повеќе од Македонија.