Словенците ја продолжија доминацијата против Португалците

Словенија ја победи Португалија со 29:24 и ја продолжи битката за пласман во полуфиналето на Европското првенство во ракомет.

Комплетен пресврт се случи во второто полувреме, откако Португалците по 30 минути игра, имаа предност од 15:14. Словенците го почнаа продолжението подобро и поведоа со 20:19, а клучен беше периодот во средината на второто полувреме, кога направија предност од 3 голови разлика, 24:21, и го скршија отпорот на едно од најпријатните изненадувања на ЕП.

Блаж Јанц со 7 гола беше најефикасен на мечот, пред Доленец и Мачковшек со по шест. Шест голови постигна и Гомес за Португалија, репрезентација која веќе нема шанси за полуфинале.

Словенија со шест бода е втора зад Норвешка, која има еднаков број бодови, но со меч помалку. Токму овие две репрезентации ќе одлучуваат за патниците во полуфиналето во меѓусебниот дуел од последното коло во втората фаза по групи.

 

- Оглас -

Најнови вести