Словенците ни доаѓаат со опасни стрелци на готовс

Словенија е во налет и со серија од три победи во групата Г ни доаѓа нагости на 10 октомври, во клучниот меч за Македонија во квалификацискиот циклус за настап на Европското првенство следната година.

И што е особено важно за моментно второпласираната селекција во нашата група, стрелците им се на готовс, а тоа е посебен проблем за нас.

Сите напаѓачи што селекторот на Словенија, Матјаж Кек, ги повика за дуелот во четврток беа стрелци за своите клубови викендов.

Со исклучок на шпицот на АПОЕЛ, Роман Безјак, кој е неизвесен за настап на националната арена „Тодор Проески“ поради повреда, а не играше бидејќи неговиот клуб не одигра меч во кипарското првенство, сите останати ја тресеа мрежата.

Роберт Бериќ со гол во 90-тата минута го реши големото француско дерби „Роналпин“ во корист на Сент Етјен против Лион. Тим Матавж го стори тоа со погодок за победа на Витезе од 2:1 против Утрехт во Холандија, Андраж Шпорар со погодок му донесе бод на Слован Братислава против Ружомберок во Словачка, а стрелец беше и Бењамин Вербиќ од пенал за Динамо Киев во убедливата победа на гигантот од Украина против Колос.

За разлика од нив, нашите напаѓачи што се во конкуренција за настап против Словенците беа тивки, освен Иван Тричковски, кој е најдобар стрелец во кипарското првенство, а и викендов погоди против Ахна во победата од 5:1.

Проблем е што дури тројца наши офанзивци не настапија, иако беа на клупата за резерви. Горан Пандев не играше за Џенова во поразот од Милан со 1:2, на клупата остана и Александар Трајковски кај Мајрока, која го победи Еспањол со 2:0, а резерва без настап остана и Влатко Стојановски на гостувањето на Ним кај Лил (2:2).

Крсте Велкоски одигра цел меч за Сараево во дербито во БиХ против Зрињски, но во Мостар немаше голови, а поништен гол во Серија А имаше Илија Несторовски. Нашиот прв шпиц одигра 63 минути за Удинезе во поразот од Фиорентина со 0:1 на гостински терен.

Поради кавга со селекторот Игор Ангеловски, повик за настап во репрезентацијата подолг период не добива првиот стрелец во турското првенство Адис Јаховиќ, иако викендов приреди редок подвиг и постигна четири гола за Јени Малатаијаспор против Денизилиспор во победата од 5:1. Јаховиќ е само третиот играч во силното труско првенство во последните пет сезони што успеал да постигне покер голови на еден меч.

- Оглас -

Најнови вести