Словенечкиот портал „Ногоманија“ објави опширен текст посветен на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар и опишува што се случува со клубот кој добро го знаат и во оваа земја, од дуелите на Вардар со Олимпија во минатото во југословенската лига.
Што се случува со клубот кој долги децении беше симбол на македонскиот фудбал?
Вардар има рекорд од 11 шампионски титули, повеќе од кој било друг клуб, но клубот ја освои својата единаесетта титула во сезоната 2019/20, па почна да оди по надолна линија и се мачи да избори опстанок во првата лига.
„Во 2012 година Вардар стана акционерско друштво, а во јануари 2014 година го купи рускиот обложувачки магнат Сергеј Самсоненко, кој веќе беше сопственик на машкиот и женскиот ракометен клуб Вардар. Сопственикот на најголемиот руски синџир за обложување го купи фудбалскиот клуб на јавно наддавање за смешни 81.000 евра. Неговите големи вложувања во ракометот вродија со плод во 2017 година, кога РК Вардар стана европски првак, а во сезоната 2017/18 и ФК Вардар постигна извонреден европски успех, кога се пласира во групната фаза од Лигата на Европа. Дополнително, Самсоненко изгради модерен тренинг-центар за фудбалери за четири милиони евра, а ракометарите добија нова сала за 15 милиони евра.
Зошто рускиот олигарх од Ростов на Дон ги вложи овие баснословни пари во македонскиот спорт? Дали тоа беше геостратешки потег во вечниот конфликт меѓу Русија и НАТО? Дали неговата улога беше слична со улогата на друг руски олигарх, Иван Савидис, исто така од Ростов, кој во 2012 година го купи пристаништето и фудбалскиот клуб ПАОК? Дали главната цел беше заштитата на стратешките интереси на Русија во Македонија и саботажата на интеграцијата на Македонија во НАТО?
Со оглед на тоа што тој одеднаш во јануари 2019 година објави дека ќе го напушти клубот, и тоа всушност го стори половина година подоцна, ова сценарио изгледа најверојатно. Тогаш конечно беше потврден Договорот од Преспа, договорот меѓу Македонија и Грција за промена на името, што им го отвори патот на Македонците за влез во ЕУ и НАТО.
Без оглед на причината, неговото ненадејно заминување го втурна клубот во големи проблеми бидејќи зад себе остави долгови од 2,3 милиони евра. И покрај ова, Вардар заврши на второто место во сезоната 2018/19, но беше исклучен од европските натпреварувања поради наталожени долгови. Во следната сезона, прва без својот руски „добродетел“, Црвено-црните беа шампиони, но поради финансиски причини повторно не беа во можност да учествуваат во квалификациите за Лигата на шампионите“, пишува во текстот на „Ногоманија“.
„Потоа следуваше сезоната 2020/21, во која Вардар испадна од лигата како бранител на титулата. Поради неисплата на приходите, сите играчи го напуштија клубот и тој мораше да ја заврши сезоната со младинскиот тим. Во втората лига започна двегодишна агонија под водство на новиот сопственик, Слободан Крстовски, кој „заработи“ дополнителни два милиони евра долг. Дополнително, Вардар остана без својот тренинг-центар кој го изгради Самсоненко бидејќи му припаѓаше на рускиот бизнисмен, а не на клубот.
Летово, пак, Вардар преку дополнителни квалификации се врати во првата лига. Во решавачкиот натпревар против градскиот ривал ФК Скопје на неутрален терен во Кавадарци, Црвено-црните пред полни трибини победија со 3-0 и се вратија во првиот ранг. Тоа беше извонреден успех за младиот тренер Бобан Грнчаров, кој играше за Црвено-црните во златните години под водство на Самсоненко, но во најтешките моменти се врати и се занимаваше со тренерска работа без плата. Играчите, на кои клубот им должи 12 месеци плата, играа за донации.
Клубот буквално живееше од љубов. Навивачката група Комити собираше пари за да преживее, а помагаа и поранешни играчи, на пример Стефан Ристовски, кој моментално игра за Динамо Загреб. Фудбалерите сами си ги переле дресовите и живееле од ден на ден. А, сепак некако успеаја да се вратат во првата лига. Но, нивните неволји беа далеку од завршени.
Долговите останаа, Крстовски се криеше и на крајот Комитите мораа да го преземат клубот пред почетокот на тековната сезона. Бидејќи во Македонија моментално е на власт прозападна коалиција, Вардар не може да очекува помош од државата. Идеологијата на навивачката група е крајно националистичка и тие се жестоки противници на Договорот од Преспа и преименувањето на државата. Во 2018 година, глобалната мрежа на истражувачки новинари, Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), откри дека Иван Савидис, човекот на Путин и сопственик на ПАОК, исплатил 300.000 евра во кеш за да се организираат протести против референдумот за промена на името.
Додека останатите клубови се подготвуваа за стартот на првенството, Вардар избезумено собираше пари и крпеше дупки за да може воопшто да се натпреварува во Прва лига. Затоа, не е посебно изненадување што Црвено-црните се последни во рангирањето по крајот на есенската работа. Во 18 меча победија само петпати и доживеаја дури десет порази. Затоа и пред Нова година нов тренер стана Горазд Михајлов, кој го остави четвртопласираниот Силекс за да седне на клупата на паднатиот гигант. Заостатокот не е голем и опстанокот е реално остварлив.
Дали најголемиот македонски клуб, кој сега е во сопственост на навивачите, може да остане во лигата? Со оглед на ситуацијата, ова би било поголемо достигнување од која било од 11-те првенствени титули што ги освоиле во минатото“, заклучува словенечкиот новинар.