Пабло Карењо-Буста ќе игра во четвртфиналето на ОП на САД, каде што се пласира по исклучувањето на Новак Ѓоковиќ во вчерашната пресметка.
Шпанецот, случајно или не, ќе се бори за полуфинале против Денис Шаповалов, а смета дека донесена е вистинска одлука да се дисквалификува првиот светски рекет по направената глупост.
„Мислам дека не беше намерно, никој од нас не би направил такво нешто намерно. Тоа беше само момент на лоша среќа за Новак. Сепак, правилата си се правила, затоа постојат. Судијата и супервизорот донесоа вистинска одлука, но не им беше лесно. Искрено, не го видов моментот бидејќи гледав кон мојот тренер и го прославував брејкот. Дури потоа го видов линискиот судија на подот и се шокирав“, истакна Карењо-Буста.
Инаку, средбата беше прекината при крајот на првиот сет, во ситуација кога Карењо-Буста поведе со 6-5 во гемови.