„Случајот Ристовски“ решен во македонски стил, процедурата доцнела со денови

Спортинг навреме поднел жалба за казната на Стефан Ристовски, по исклучувањето против Сетубал, а според обвинувањата од таборот на популарните „лавови“ нашиот репрезентативец не играл против Бенфика, иако можел, само поради ноншалантниот однос на луѓето од португалската Федерација.

Од Спортинг објавија дека минатиот петок поднеле жалба, која била разгледувана дури в понеделник, а одлуката дека суспензијата на Ристовски се намалува од два на еден меч им била соопштена во среда, на три часа пред дуелот со Бенфика.

„Ова е неразбирливо и некоректно однесување на луѓето од Федерацијата. Им требаа денови да го подготват материјалот и непосредно пред мечот во купот против Бенфика да ни соопштат дека Ристовски може да игра. Ваквите случаи на спора администрација треба да се искоренат во португалскиот фудбал“, велат од Спортинг.

Од петок до среда е долг период за да се донесе и соопшти одлука за обично намалување на казна за фудбалер, а реагираа и навивачите на Спортинг на социјалните мрежи.

„Добро е што не заврши првенството и купот додека да донесат и соопштат една обична одлука“ е еден од коментарите. Спортинг го загуби мечот со 1:2, но има и реванш, а Ристовски немаше среќа, па не настапи на два меча по ред против големиот ривал Бенфика во лисабонското дерби. Едниот меч суспензија против популарните „орли“ во првенството не можеше да го избегне, но на вториот во полуфиналето на португалскиот куп можеше да игра, ако админстрацијата во Фудбалската Федерација на Португалија работеше според правилата и не доцнеше со денови.

Бенфика ги доби двата дуели на кои Спортинг играше без Ристовски. Во првенствениот дуел како гостин беше подобра и победи со 4:2, а во првиот полуфинален меч како домаќин повторно победи, овојпат со 2:1. Стефан се надева на трета среќа, откако беше оштетен за втората пресметка со градскиот ривал и веројатно ќе игра на реваншот на „Жозе Алаваладе“ на 3. април.

- Оглас -

Најнови вести