-0.2 C
Skopje
среда, 17 декември 2025

Сменето правилото во Купот на Шпанија, Реал мора да пази да не киксне како во 2015 година

Реал Мадрид вечерва ќе стартува со настапите во Купот на Шпанија, и тоа со гостување кај третолигашот Талавера. Непосредно пред стартот на Купот беше донесено едно ново правило во Купот, кое може да претставува и замка за Кралскиот клуб.

До минатата сезона, правилата налагаа тимот да има најмалку седум играчи од првата екипа во текот на целиот натпревар, а останатите четворица може да бидат младинци или играчи од Б селекцијата.

Правилникот наведуваше: „По почетокот на натпреварот, во текот на неговото времетраење тимовите мора да бидат составени од најмалку седуммина фудбалери кои се дел од првата екипа“. Ова создаваше проблеми во ситуации кога играч од првиот тим ќе добиеше црвен картон бидејќи тимот ќе останеше со шест, што автоматски се сметаше за неправилен состав.

Сепак, од почетокот на оваа сезона на сила е ново правило кое не се базира на минимумот, туку на максимумот. Сега текстот на федералната регулатива гласи: „По почетокот на натпреварот, во текот на неговото времетраење тимовите не смеат да бидат составени од повеќе од четворица фудбалери кои не го сочинуваат тимот од категоријата во која се натпреваруваат“.

Оваа промена на правилото значи дека ако фудбалер кој е од првиот тим биде исклучен, нема да биде прекршено правилото сè додека на теренот нема повеќе од четворица фудбалери од Б селекцијата или од младинскиот состав.

Во Реал Мадрид треба да бидат претпазливи затоа што Франко Мастантуоно е регистриран како фудбалер во младинскиот тим на Кралевите. Тоа значи дека тренерот Чаби Алонсо на дуелот против третолигашот Талавера, освен Мастантуоно, ќе може во игра да внесе само уште тројца фудбалери од младинскиот тим или Б селекцијата. Ако се случи да биде надмината бројката од четворица такви играчи на теренот, може да се случи автоматска дисквалификација.

Во Реал сигурно го паметат киксот од 2015 година, кога во Купот беа елиминирани откако Денис Черишев играше против Кадис, а имал суспензија од претходната сезона, па Кралевите автоматски беа исфрлени од ова натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести