Фудбалската репрезентација на Македонија ги доби ривалите во квалификациите за Светското првенство 2026 година. Нашиот национален тим ќе биде дел од групата Ј и ќе игра против Белгија, Велс, Казахстан и против Лихтенштајн.
Белгија е селекција од врвот на европскиот фудбал, но евидентно е дека нивната „златна генерација“ предводена од Де Бројне, Лукаку, Куртоа полека е во заминување. Можно е дел од ѕвездите и да одлучат да се повлечат, иако секако белгискиот ростер заслужува максимален респект.
Против Белгија, во досегашните мечеви можеме да се пофалиме со едно реми (1-1) од далечната 1994 година, кога Зоран Бошковски го постигна голот на гости.

Имаме и убедлив пораз (0-5) во Скопје пред речиси 20 години, а последен пат игравме пред повеќе од една деценија и загубивме двапати (0-2) во Скопје и (1-0) во Брисел.

Меѓусебниот скор со Велс ни е една победа и еден пораз. Македонија ја победи селекцијата на Велс во Скопје со 2-1 во 2013 година, исто така во квалификации за Светско првенство, а загуби со 1-0 во Кардиф.

Македонија и Казахстан немаат дуели во квалификации, а единствениот пријателски меч го доби нашиот национален тим со 4-0.

Македонија има десет победи и едно „болно“ реми на дуелите против Лихтенштајн. Против оваа селекција ја имаме историски најубедливата победа од 11-1, но исто така и реми 1-1 на 8 септември 2002 година.