Јувентус вечерва на свој терен го пречекува Кремонезе и гигантот од Торино е огромен фаворит за победа. Со евентуални три бода, Старата дама ќе дојде до 39 бода и може да се искачи на третото место на табелата, со што ќе потврди дека има и шампионски амбиции.
Еден од оние играчи кои не се експонираат премногу на теренот е Глејсон Бремер. Централниот дефанзивец на Јувентус дава голема стабилност не само во одбраната, туку воопшто на теренот.
Кога се работи за Бремер, постои една неверојатна статистика. Со Бремер на теренот, Јувентус едноставно не знае за пораз. Јувентус нема загубено натпревар кога Бразилецот е на теренот неверојатни 627 дена.
Последен пат со Бремер на теренот, Јувентус загуби на 24 април 2024 година, и тоа беше од Лацио со 1:2 во реванш-мечот од полуфиналето на Купот на Италија. Од тој момент досега, кога Бремер е на теренот, Јувентус одиграл 22 натпревари и има 12 победи и 10 нерешени средби.
Вечерва на дуелот против Кремонезе Бремер се очекува повторно да командува во дефанзивната линија на Јувентус. Најголема опасност за голот на Јувентус секако ќе биде искусниот напаѓач на Кремонезе, Џејми Варди.

