Со брод избега од глад и сиромаштија, а синоќа заигра против Манчестер јунајтед

Ебриме Дарбо пред само пет години живеел во Гамбија во сиромашно семејство кое едвај преживувало и се борело за парче леб. Тогаш, 14-годишниот Ебриме решил да биде еден од многуте бегалци кои среќата ја побараа во Европа. Најпрво со автобус заминал од Гамбија во Либија, а потоа со брод тргнал кон Европа.

Бродот пристигнал на италијанскот крајбрежје на Сицилија, а тинејџерот бил преземан од властите и сместен во дом. Подоцна Ебриме бил даден на едно италијанско семејство, кое решиле да го запишат детето во фудбалска школа. Со висина од 180 сантиметри, но со само 50-тина килограми, Ебриме бил лесно воочлив, а посебно по техниката што ја имал со топката.

Веднаш го забележале скаути на Рома и бил одведен во Рим. Само 15-тина минути било доволно Ебриме да покаже што знае, за да добие дозвола да остане во школата на Римската волчица. Клубот започна да се грижи за него. Дарбо започнал да оди во школо, а исхраната и живеалиштето му го обезбедиле од клубот.

За кратко време, некогаш слабото дете успеало да стигне до 70 килограми и да заигра за јуниорскиот тим на Рома. Кога наполни 18 години го потпиша првито договор со Рома, според кој годишно ќе заработува 50.000 евра. Поголем дел од тие пари, Ебриме ги праќа кај неговата мајка во Гамбија.

По неколку години тренинг во Рома, Дарбо конечно доби шанса да дебитира во сениорскиот тим. Во неделата одигра седум минути во дуелот од Серија А во поразот од Сампдорија, а синоќа прв пат заигра и на европската сцена во победата на Рома од 3:2 против Манчестер јунајтед. Римската волчица сепак не успеа да се пласира во финалето на Лигата на Европа, но дефинитивно го промовираше новиот тинејџер.

„Бев многу нервозен кога влегов во игра. Пред четири-пет години тие играчи ги гледав само на телевизија, а сега играм со нив. Бев многу возбуден“, рече Дарбо по синоќешната средба.

 

- Оглас -

Најнови вести