Со Димитриевски на голот, Рајо може да се надева на спас

Рајо Валјекано успеа да ја запише само третата победа во сезоната во Ла Лига по 17 натпревари. На свој терен вчера го совлада Леванте со 2-1, па сега бележи 13 бода, но и натаму е во зоната за испаѓање. Сепак, очигледен е напредокот на екипата на последните шест средби, поточно откако Столе Димитриевски застана на голот на Рајо.

Во клучни моменти Столе одлично интервенираше и практично ги сочува конечните 2-1, а забележа вкупно осум интервенции.

Од вкупните 13, седум бода се освоени токму кога брани македонскиот репрезентативец, што значи дека Рајо со Столе на голот собра еден бод повеќе во шест меча отколку на оние 11 средби на кои Македонецот седеше на клупата. Димитриевски на шест натпревари прими девет гола, а запиша и еден меч без примен гол, во победата над Еибар со 1-0.

Тој сега има една желба, екипата да продолжи со напорната работа и да успеат во обидот да излезат од црвената зона, која значи испаѓање во втората по ранг шпанска лига.

„Оваа победа е многу важна за нас. Менталитетот и борбеноста кои ги покажавме  против Леванте многу ме радуваа, успеавме до крајот да го задржиме резултатот во наша корист. Бевме одлични и во нападот и во одбраната, самодовербата сега е на високо ниво за следните предизвици“, истакна Димитриевски по мечот со Леванте.

Во 18. коло Рајо гостува кај Валјадолид, средба која е закажана за петти јануари во 13 часот.

- Оглас -

Најнови вести