Еден лајк на шампионскиот пост на Леонардо Бонучи предизвика голем потрес во фудбалска Италија, а во фокусот повторно е поранешниот капитен на Интер, Мауро Икарди.
На Аргентинецот му се допадна објавата на капитенот на Јувентус, а позната е нетрпеливоста меѓу навивачите на двете екипи, кои го играат најголемото дерби во Италија, токму и познато како „Дерби на Италија“.
Иако Икарди веќе не е член на Интер, тоа што го бендиса напишаното од страна на Бонучи, кој си ја слави титулата на Јувентус, не им се допадна на навивачите на големиот ривал.
„Што да очекувате од просечен фудбалер што игра во третокласна лига“ и „За среќа, тој е само дел од едно неуспешно минато и не може да ни ја расипе убавата иднина што е пред нас“ се само дел од коментарите насочени како критика за Икарди.
Бонучи напиша на „Инстаграм“ дека е горд што е капитен на Јувентус и дека титулата им ја посветува на сите навивачи на Старата дама, со напомена дека имале многу противници и екипи што атакуваа на шампионската круна, па дури и такви што предлагаа да се игра плејоф или дури и да се прекине првенството и да не се додели титулата.
Икарди беше член на Интер од 2013 до мај годинава, но сезонава ја мина во Пари Сен Жермен како позајмен играч и пред два месеци во договор на двете екипи за 50 милиони евра, плус 8 милиони во бонуси стана постојан член на францускиот првак.