Повредата на Милош Теодосиќ, по која тој нема да игра на Светското првенство во Кина, не беше единствената негативна работа за Србите на синоќешната контрола против Литванија.
На пријателскиот меч помеѓу кошаркарските репрезентации на Србија и Литванија, трибините во белградската Арена беа исполнети до последно место, а некои од гледачите и тоа во првиот ред, не можеа да гледаат убаво што се случува на теренот. Меѓу нив, беше и бекот Стефан Марковиќ, кој цела деценија беше репрезентативец, а беше и капитен на националниот тим, но од неодамна веќе не е во тимот.
Марковиќ како заслужен член на репрезентацијата не доби билети за ВИП делот од трибините, и мораше да седи на трибините. Тој најде едно место во првиот ред, но пред него беше поставена метална ограда, а за да фрли поглед на теренот мораше и да гледа преку редарот кој седеше пред него.
„Десет години, и добиваш шипка“ – искоментира Марковиќ, кој приложи и фотографија каков поглед имал од местото каде што седел.