Со голмани што не бранат, нападот е добитна комбинација во Бер Шева

Нападот ќе биде најдобрата одбрана во Бер Шева на петти септември на дуелот меѓу Израел и Македонија, а причината е едноставна. Двајцата стандардни голмани на двете селекции од групата Г за пласман на ЕП 2020 година не бранат за своите клубови.

Кај нас на голот сигурно ќе биде Столе Димитриевски, кој е во немилост на Пако Хемес и не брани во Рајо Валјекано, односно од почетокот на сезоната е резерва кај шпанскиот второлигаш. Алтернативи за Димитриевски се Дејан Илиев, кој брани за словачкиот прволигаш Серед, и Дамјан Шишковски од Работнички.

И кај Израелците ситуацијата, односно кризата на голманската позиција е идентична, а тука проблем е формата на Ариел Харуш. Тој е резерва кај холандскиот прволигаш Спарта Ротердам и нема брането ниту една минута во Ередивизија сезонава.

И Андреас Херцог тешко дека ќе менува на голманската позиција, а Харуш, како и Димитриевски бранеше на сите четири меча во групата Г. И што е најлошо и за двајцата голмани, кои веројатно ќе почнат на голот на Израел и на Македонија, е што примија по 4 гола на последните квалификациски мечеви.

На Харуш мрежата му ја наполнија Полјаците, кои го декласираа Израел со 4:0 во Варшава на 10 јуни, а истата вечер и Димитриевски четири пати ја вадеше топката од мрежата против Австријците во Скопје, во поразот на Македонија од 1:4.

Ако Херцог сепак се одлучи да менува, тоа нема да биде лоша варијанта за Македонија бидејќи и алтернативите за 31-годишниот Харуш се во слаба форма.

Офир Марсијано е стандарден голман на шкотскиот Хибернијан, но во моментов по 4 одиграни кола, со 11 примени голови е вториот најслаб чувар на мрежата во Лигата.

Повикан е и голманот на Хапоел Тел Авив, Јоав Герафи, кој се уште нема настап за селекцијата на Израел, а беше за првпат повикан за мартовските дуели со Словенија и Австрија во овие квалификаци, но сè уште не бранел ниту една минута за националната селекција.

 

 

- Оглас -

Најнови вести