Манчестер сити остана лидер во англиската Премиер лига откако на свој терен одигра 2:2 против Арсенал, во дерби кое беше драматично до последната секунда. Сити водеше со 1:0, потоа Арсенал даде два гола за предност од 2:1 на полувреме, а потоа Тросар доби црвен картон.
Во второто полувреме, актуелниот првак со играч повеќе постојано напаѓаше, Сити упати вкупно 33 шута кон голот на Арсенал, а дури во 90+8 минута, Џон Стоунс успеа да погоди и да израмни на 2:2. Тоа е најдоцна постигнатиот погодок на Сити во првенството уште од сезоната 2006/07.
Со голот на Стоунс, Граѓаните продолжија една одлична серија, а тоа е 33 меча без пораз на свој терен во првенството. Последен пат Сити пред своите навивачи загуби на 12 ноември 2022 година од Брентфорд со 1:2, што значи дека речиси две години трае доминацијата на Граѓаните кога игра дома.