Со или без титула, Клоп останува во Ливерпул

Германскиот стручњак Јирген Клоп и во наредните неколку сезони ќе биде на клупата на Ливерпул, без разлика дали тимот ќе освои титула во Премиер лигата или не. Ова е мислењето на експертот за германски фудбал Рафаел Хонихштајн.

Договорот на Клоп со „црвените“ од „Енфилд“ важи до летото 2022 година и ќе биде одработен до крај, тврди Хонихштајн, кој смета дека тренерот е среќен во клубот во којшто работи од октомври 2015 година. Ливерпул е третиот клуб во тренерската кариера на Клоп, кој седеше и на клупите на Мајнц 05 и Борусија Дортмунд.

Како тренер на Ливерпул, Клоп уште нема освоено трофеј, а со Борусија има две бундеслигашки титули.

„Мислам дека двете страни се задоволни од соработката и Клоп ќе остане во Ливерпул и по 2022 година. Според мене, шансите да се случи ова се 99,9%, без разлика дали Ливерпул ќе стане првак на Англија или не“, предвидува новинарот кој е пријател на Клоп.

Интересно е што Хонихштајн смета дека ако Клоп си оди од Ливерпул, негова следна дестинација би можел да биде Баерн Минхен.

- Оглас -

Најнови вести