Бојан Илиевски е момчето кое се етаблира во стандарден првотимец во репрезентацијата на Македонија, единствен со таков „статус“ од првенството на Македонија. Со националниот тим се надева дека ќе успее да се избори за историски успех за цела Македонија, пласман на Светско првенство, а со својот клуб Струга Трим Лум има шампионски амбиции и оваа сезона.
Тој е гостинот на „Спортманија“ овој викенд за составување на хуманитарен тикет. Ќе се обиде да биде добитен и средствата да ги донира таму каде што се најпотребни.
Фудбалската репрезентација на Македонија одигра блескави 0-0 против Белгија во Гент, но потоа „само“ 1-1 против Казахстан во Скопје.
„Не играв против Белгија во Гент поради жолти картони, но соиграчите одиграа храбро и го сопреа фаворитот. Потоа одигравме 1-1 против Казахстан во Скопје иако имавме неколку убави шанси за триумф. Не успеавме, но тоа не значи и дека нема да продолжиме да сонуваме за пласман на Светското првенство. Ни преостанува уште еден натпревар, гостувањето во Кардиф и дуелот со Велс, а потоа многу веројатно и бараж-натпревари преку кои ќе се обидеме да обезбедиме мундијалска виза. Секако дека ќе дадеме сѐ од себе да го оствариме сонот на сите Македонци, нашата репрезентација да биде дел од едно Светско првенство“, вели Бојан Илиевски за „Спортманија“.
Се враќа на сцена клупскиот фудбал, овој викенд сепак нема да има натпревари од Првата МФЛ поради изборите во државата, но генерално е јасно дека тимот на Бојан Илиевски, Струга Трим Лум, има шампионски амбиции. Впрочем, по првите девет кола е на првата позиција и сѐ уште нема неуспех.

„Се враќаме на клупските обврски. Во вторник нѐ очекува куп-натпревар, а потоа следниот викенд и мечеви од Првата фудбалска лига. Среќни сме што сме на врвот по првите девет кола, можеби и ние не очекувавме дека ќе имаме толку добар старт и дека ќе бидеме лидери. Но, тоа е обврска повеќе да продолжиме во ист стил и понатаму. Имаме одличен тим, новите засилувања се вклопија добро, сите ја прифативме и стратегијата на новиот стратег Бледи Шкемби. Во тимот владее позитивна, пријателска атмосфера и сето тоа носи резултати. Веруваме дека ќе продолжиме да победуваме и во наредниот период, иако јасно ни е дека имаме големи конкуренти во Шкендија, Вардар и Силекс. Но, Струга Трим Лум оваа сезона ќе атакува на пехарите и во првенството и во Купот на Македонија“, најавува Бојан Илиевски.
Следи меѓународен фудбал, се разбира, и состави хуманитарен тикет, иако спортското обложување поради професијата не го практикува. Но, секако дека кога има време, ги следи мечевите од Топ 5 лигите во Европа.
„Фудбалот ми е и работа и задоволство. Секако дека сакам да погледнам натпревар од Топ 5 лигите на ТВ, било да е тоа во домашна атмосфера или со друштво. Ќе биде интересно и во Англија, Шпанија, Италија… Се обидов да прогнозирам дел од натпреварите за овој викенд, иако не се обложувам. Но, секако дека сакам да го погодиме хуманитарниот тикет и потоа евентуално средствата да ги донираме таму каде што се најпотребни“, заврши македонскиот фудбалски репрезентативец.
