МЗТ Скопје ја оствари 10-тата победа во втората АБА-лига откако на домашен терен Штрковите го надиграа Спарс Сараево со 73:64. Избраниците на Ѓорѓи Кочов и во седмиот дуел на домашен терен останаа непоразени, а воедно ја продолжија меѓусебната серија со босанскиот состав на шест последователни победи.
Гостите изненадија на стартот од средбата во СЦ „Јане Сандански“ откако направија серија од 11-0 добивајќи ја првата четвртина со 23-14. Сепак, кошаркарите на македонскиот шампион се разбудија, па таа серија ја наплатија двојно оставајќи ги Спарс само на 9 поени во втората делница.
На веќе изградената предност, домаќините се погрижија да остане резултатот во нивна корист до самиот крај, за што најзаслужни беа Стојановски со 17 и Морнар со 16 поени. Врабац беше најрасположен во составот на Спарс со 15 поени.