Историска е оваа сезона во Лигата на шампионите затоа што за првпат имаше една група во која беа дури 36 екипи. Од тие 36 екипи, првите осум директно се пласираа во осминафиналето, а тие од деветото до 24-тото место денеска ќе ги чекаат своите противници во нокаут-фазата. Сите оние кои завршија од 25-тото до 36-тото место веќе се во аут.
Ждрепката која ќе биде точно на пладне во Нион е полудиригирана и се одредува според пласманот на екипите на табелата. Според тоа, јасно е дека Аталанта, која беше деветта на табелата, и Борусија Дортмунд, која заврши како десетта, за ривали ќе ги добијат Спортинг или Бриж, кои се двете екипи кои го фатија „последниот воз“ за нокаут-фазата.
Јасно е дека Манчестер сити ќе има пеколен ривал затоа што двете опции му се Реал Мадрид или Баерн Минхен. Тоа значи дека сигурно ќе има еден мегадуел во оваа нокаут-фаза.
Второто дерби кое има 50 отсто шанси да се случи е пресметката меѓу Милан и Јувентус. Росонерите за ривал ќе ги имаат Старата дама или Феенорд.
Јасно е дека Пари Сен Жермен ќе игра со ривал кој му е добро познат од француското првенство затоа што опции му се Монако или Брест.
Познат е и костурот за до крајот на Лигата на шампионите, па така јасно е дека Реал Мадрид и Барселона најдоцна може да играат во полуфиналето.