Фудбалските клубови во Шпанија се најдоа во проблем, откако владата во оваа земја донесе нов закон според кој е забрането да се рекламираат обложувалници на дресовите. Овој закон директно ќе влијае за намалување на буџетите на 41 од вкупно 42 клуба во двете најсилни лиги во земјата.
Дури 10 од клубовите како главен спонзор на дресовите имаат некоја од обложувалниците, што значи дека многу ќе им се намали буџетот по донесување на овој закон.
Најголеми договори имаат Валенсија и Севилја кои добиваат по четири милиони евра годишно од рекламирање на некоја од обложувалниците, што значи дека овие два клуба во следниот период ќе имаат намален вкупен приход од 30 отсто. Обложувалници како главни спонзори имаат и Леганес, Осасуна, Леванте, Алавес, Гранада, Мајорка, Спортинг Хихон и Жирона.
Единствен клуб кој нема реклама со некоја обложувалница е Реал Сосиедад, но и тој тим ќе биде финансиски оштетен затоа што и самата Примера дивисион е спонзорирана од обложувалница, а компензација добива преку реклами за време на ТВ преносите.
Според пресметките вкупната загуба на клубовите во Шпанија на годишно ниво ќе биде 80 милиони евра.