Карлос Алкарас и Арина Сабаленка си заминаа од Њујорк со трофеите наменети за победниците на САД Опен, последниот гренд слем турнир во годината. Освен со убави спомени и пехари, двајцата победници си заминаа и со најголемата поединечна награда во историјата на гренд слем турнирите.
Организаторите и оваа година ја задржаа традицијата за еднакво наградување кај мажите и жените, па победниците заработија по пет милиони долари. Претходно најголемата парична награда од еден турнир ја имаше Јаник Синер кој инкасираше 4,9 милиони долари за победата на Мастерсот во Торино во 2024 година.
Вкупниот награден фонд за оваа сезона на САД опен изнесуваше неверојатни 90 милиони долари, што е за 20 отсто повеќе од минатата сезона. Ако се спореди со наградните фондови од другите гренд слем турнири, во САД тој е убедливо најголем.
Наградниот фонд на Австралија опен е околу 62,5 милиони долари, на Ролан Гарос сумата е 65,5 милиони долари, а на Вимблдон е „скромни“ 52 милиони долари како вкупен награден фонд.
Во машкото финале во Њујорк, синоќа Алкарас со 3:1 во сетови го победи Јаник Синер, а со тоа Шпанецот сега се искачи на првото место на АТП листата. За поразот во финалето, Синер заработи 2,5 милиони долари.