МЗТ Скопје Аеродром се надева дека вечерва ќе ја прекине мини серијата порази во АБА 2 лигата. Македонскиот претставник спои два порази, а вечерва гостува во Цетиње кај Ловќен. „Штрковите“ на овој меч ќе бидат без најдобриот асистент во Лигата, Лестер Медфорд, кој отсуствува поради скршеница на раката. Веќе подолго време повреден е и Љубомир Младеновски, но добра вест е пристигнувањето на Предраг Самарџиски. Искусниот центар треба да биде засилување во борбата под обрачите.
Во досегашниот дел од сезоната Ловќен има биланс од осум победи и шест порази, додека МЗТ е со девет триумфи и пет неуспеси. Во првиот дел од сезоната, МЗТ Скопје Аеродром во „Јане Сандански“ победи со 100:90, во меч кој беше решен по дополнителни пет минути.
„Свесни сме дека нѐ очекува можеби најтешкото гостување досега. За противник имаме екипа која игра одлична кошарка, со одлични бекови и високи играчи кои можат да шутираат за три поени. Ова е натпревар во кој немаме избор, мора да влеземе максимално пожртвувано и борбено. Ги знаеме сите нивни предности и слабости, а сметам дека победникот ќе го реши подобрата одбрана“, вели тренерот Ѓорѓи Кочов.