Со селекциите од Островот имаме негативен биланс, но Велс го победивме во 2013 година

Фудбалската репрезентација на Македонија низ историјата има одиграно вкупно 12 натпревари против островските земји. Половината од нив се против Англија, шест, четирипати имаме играно против Шкотска, а само двапати против денешниот противник, Велс.

Токму против Велшаните го имаме и најдобриот скор, една победа и еден пораз. Во квалификациите за Светското првенство 2014 најпрво ги победивме дома со 2-1, а потоа загубивме во Кардиф со 1-0. Посакуваме и вечерва да биде токму како во 2013 година, кога се радувавме на победа против Велс.

Против Шкотска на четирите дуели имаме по една победа и нерешено, како и два порази. Во првиот меѓусебен дуел во 2008 година славевме со 1-0 во Скопје, но на реваншот бевме поразени со 2-0. Во квалификациите за Светското првенство 2014 игравме 1-1 во Глазгов, а бевме поразени со 1-2 во Скопје.

Најмногу дуели имаме против Англија, но и најлош биланс. На шесте меча немаме победа, но имаме три нерешени и три порази. На домашен терен двапати губевме со 1-2 и 0-1, а на последниот дуел одигравме 0-0. Незаборавни се дуелите во Саутхемптон и Манчестер во 2002, односно 2006 година, кога игравме нерешено, но и поразот од 7-0 на последното гостување на Островот.

Вкупно против селекциите од Островот имаме две победи, четири нерешени и шест порази, со гол-разлика од осум дадени и 19 примени голови.

- Оглас -

Најнови вести