Со триумф против Милан означија почеток на Лигата на шампионите, 27 години подоцна не можат да дадат гол

Олимпик Марсеј вечерва против Олимпијакос ќе се обиде барем малку да потсети на славните денови кога беше прв шампион во премиерното издание на Лигата на шампионите во сезоната 1992/93.

Го победија Милан со 1:0 во финалето на ЛШ на Олимпискиот стадион во Минхен и се запишани во историјата како први победници во Лигата на шампионите, претходно натпреварување што го носеше името Куп на европски шампиони.

Сега, 27 години подоцна, францускиот гигант заглави на дното на табелата во групата Ц со четири порази, без ниту еден бод и ниту еден постигнат гол.

Десеткратниот француски шампион заглави и со серија од 13 меча без победа во луксузната лига, што е една од најдолгите црни серии во ова натпреварување.

Сепак, сè уште имаат шанси за рехабилитација и утешно учество во Лигата на Европа ако вечерва го победат Олимпијакос на свој терен, на култниот „Велодром“ во Марсеј.

Им треба победа поголема од еден гол разлика против грчкиот тим вечерва од 21 часот и потоа во последното коло да останат израмнети со бројот на бодови со Олимпијакос или, секако, да имаат барем еден бод повеќе.

„Сè уште можеме да најдеме утеха со настап во Лигата на Европа. Се мачиме како да постигнеме гол, но верувам дека сè уште сме кадарни да победиме против Олимпијакос и да останеме во трка за презимување во Европа“, вели Андре Вилаш-Боаш, менаџерот на францускиот тим.

Во последното коло на 9 декември, Марсеј ќе му гостува на Манчестер сити, екипа што веќе обезбеди настап во нокаут-фазата во ЛШ, а Олимпијакос ќе му биде домаќин на Порто.

Пред стартот на денешните мечеви од петтото коло во групата Ц, Манчестер сити е лидер со 12 бода и сигурно место во осминафиналето, а втор е Порто со 9 бода. Олимпијакос има 3, додека Марсеј е без бодови на последното место.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести